Поранешниот министер Миле Јанакиески е ослободен од обвинението дека ја злоупотребил службената положба за јавната набавка во случајот „ТНТ“, предмет кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
За останатиот дел од обвинението – незаконско уривање на „Космос“, обвинителството смета дека обвинетите ги сториле делата.
Обвинителот Бурим Рустеми пред судот на денешното рочиште се откажа од еден став од обвинението за „злоупотреба на службена должност” против обвинетиот Јанакиевски и ја намали штетата од уривањето на комплексот, што според вештачењата се проценува на 683. 514 964 денари.
Во овој судски предмет, е обвинет и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, а во отсуство му се суди на поранешниот премиерот Никола Груевски.
Обвинителот побара затворски казни за обвинетите, а за Јанакиески рече дека тој се извинил, ги потврдил разговорите, а тоа е олеснителна околност, која треба особено да се цени.
– Груевски ја злоупотребил функцијата и ја реализирал желбата да му се одмазди на политичкиот противник Фијат Цановски. Oбвинетите Груевски, Јанакиески, Трајковски, ја користеле политичката моќ за вршење влијание, а тоа претставува упад во правниот систем , рече Рустеми според кого во текот на судскиот процес се докажало дека изјавата на Цановски е вистинита и дека му се одмаздувале на бизнисменот Цаноски.
Обвинителот предложи судот при изрекување на пресудата како околности да ги цени степенот на кривичната одговорност, последицата од делото односно штетата, фактот дека истите комбинирано се обидувале да ја избегнат кривичната одговорност, фактот што не изразија каење и жалење освен Јанакиески. И затоа сметам дека треба ефективна казна затвор за обвинетите, рече Рустеми.
Како олеснителни околности Рустеми му предложи на судот да има предвид и тоа што Јанакиески ги признал телефонските разговори со Груевски.
На почетокот, обвинителот Рустеми, во завршен збор изврши прецизирање на обвинението на што реагираше одбраната.
Законот за кривична постапка, според адвокатот Дончо Наков не предвидува прецизирање на обвинителен акт.
– Според одбраната се работи за целосна измена на обвинителен акт и барам да ми се достави копија од записник бидејќи постои според мене измена и за да можам да го дадам својот завршен збор, изјави Наков.
Бранителот по службена должност на обвинетиот Никола Груевски, во завршен збор, рече дека Груевски ниту потпишал, ниту пак можел да потпише некаква одлука во Општина Гази Баба, истовремено оспорувајќи ја автентичноста на снимените аудио разговори кои биле изнесени во случајот.
– Обвинетиот ниту има вина, ниту има доказ дека нешто потпишал, а единствен доказ против него се аудио снимки чија автентичност не може да се потврди. Ценам дека овој суд нема ниту една законска причина да го прогласи за виновен и дека треба да биде ослободен од обвинение, изјави бранителот по службена должност на Груевски.
Случајот го води судијата Огнен Ставрев.