Сега е вистински момент за решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, што доколку не се случи во скора иднина спорот би можел да прерасне во „замрзнат конфликт“, изјави во интервју за бугарската телевизија БТВ, шефот на дипломатијата Бујар Османи, дополнувајќи дека во иднина ќе имало се помалку сила, енергија и храбри политичари што би се занимавале со оваа тема.
– Мислам дека во иднина ќе има се помалку сила и енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема. Затоа се плашам дека за месец-два ова ќе се претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае со години, со сите последици што ќе произлезат од нашите односи, нашата внатрешна политика и можностите за регионот. Убеден сум дека во втората половина од оваа година нема да ја имаме истата сила да бидеме целосно посветени, со сета енергија на власта, за решавање на ова прашање, како што тоа го правиме сега, вели Османи.
Сепак, вели Османи, дека ќе се продолжело со конструктивна дебата, доколку сега не се надминел проблемот.
Министерот Османи одговорил и на прашањето околу бројот на граѓаните кои се декларираат за Бугари во земјава, зашто на пописот биле 3 504 а бројот на оние со бугарски пасош изнесува неколку стотици илјади за што Османи истакнал дека се посегнува по „бугарскиот пасош“ зашто е европски и нуди повеќе можности.
„Немаме точни информации колку граѓани имаат бугарски пасоши. Се разбира, бугарскиот пасош има многу повеќе предности од македонскиот бидејќи е европски пасош. А, луѓето се принудени да земаат бугарски пасош од социјални причини. Значи, не можат да се поистоветуваат државјанството и етничката припадност. Но, прашањата за пописот, прашањата за правото на граѓаните слободно да се дефинираат, мислам дека се апсолутно суштински – Република Северна Македонија ги гарантира и, се разбира, се повеќе и повеќе ќе ги зајакнува“, навел Османи во интервјуто за бугарската БТВ.