Руската Федерација е суспендирана од Светската туристичка организација (UNWTO), со што веднаш ги губи правата и привилегиите како членка на специјализираната агенција на ОН за туризам.
Одлуката за суспензија е донесена на вонредното Генерално собрание на организацијата што се одржува во Мадрид.
Руската делегација одби да ја брани својата позиција, најавувајќи повлекување од Организацијата уште пред дебатата по предлогот.
Собранието на UNWTO со над двотретинско мнозинство ја изгласа суспензијата, така што одлуката стапува во сила веднаш, додека доброволното повлекување стапува во сила една година откако членката преку соодветни канали ќе поднесе такво официјално барање.
Притоа се појаснува дека со губењето на правата и привилегиите за членство Русија нема да да може да добива услуги од UNWTO, вклучувајќи техничка помош, ниту пак ќе може да учествува на какви било состаноци или активности на Организацијата.
Суспензијата е привремена и може да биде укината, но само со одлука на Генералното собрание и по истата процедура.