Дваесетина училишта и гимназии во Белград утрово добија циркуларен меил за подметнати бомби, учениците, наставниот кадар и директорите се веднаш евакуирани и известени се српското Министерство за внатрешни работи и БИА.
„Слична ситуација пред неколку дена се случи и во Црна Гора. Полицијата најпрво ќе ги испита заканите, а учениците и вработените нема да бидат вратени во објектите, се додека не потврдиме дека е сигурно, што е приоритет“, рече министерот за образование и прв потпретседател на Владата, Бранко Ружиќ.
Полицијата досега провери девет училишта на територијата на Белград и утврди дека станува збор за лажни дојави. Проверките продолжуваат, порачаа од Министерството за внатрешни работи на Србија.
„Влезе професорот по физика и само ни рече „Имаме дојава за бомба во училиштето, мораме да излеземе. Сите сме добро, пред зградата на училиштето сме, само професорите се исплашени. Тие мислат дека е сериозно“, изјави ученик во гимназијата во Земун за „Блиц“.
Контра-диверзиски проверки се направени во три училишта на Звездара, во четири во Раковица и во две училишта на подрачјето на Стари град.