Украина денеска призна дека има големи загуби во нападите на Русите во источниот дел на земјата, но истовремено додаде дека загубите на агресорот се поголеми.
Објавата доаѓа по повикот на американскиот претседател Џо Бајден до Конгресот да одобри помош од 33 милијарди долари за Киев за да се зацврсти одбраната од руските напади.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски ја пофали иницијативата на Бајден која претставува, речиси, десет пати поголема помош одошто Вашингтон ја прати до неговата земја од почетокот на руските напади на 24 февруари.
По неуспешниот напад на Киев и на северот на Украина во минатиот месец, Русија ги концентрира силите во две провинции на истокот. Официјален Киев призна дека загубил контрола врз неколку градови и села од почетокот на руската офанзива, но украинската страна нагласи дека напредокот на Русија е проследен со огромни загуби по нејзината војска.
„Имаме сериозни загуби, но оние на Русите се многу поголеми. Имаат колосални загуби“, објави советникот на украинскиот претседател, Олексеј Арестович.
Ветувајќи десетици милијарди долари помош, Бајден драматично ја прошири американската вклученост во војната. Сојузниците и САД праќаат тешко вооружување во Украина, вклучително и артилерија, а Вашингтон објави дека „целта не е само одбрана од руските напади, туку и ослабување на руската војска за да не може повеќе да ги тероризира соседните држави“.