„Брејкинг бед“ е победникот на овогодинешното доделување на наградите Еми. Крими-серијата ги „собра“ најважните телевизиски награди и беше голем победник на свеченоста во Лос Анџелес. Тимот околу Брајан Кренстон освои дури шест Еми-награди, од кои пет во важни категории.
И најважната Еми-награда за најдобра драма-серија по вторпат отиде кај тимот на „Брејкинг бед“.
Претходно, Кренстон доби награда за најдобра главна улога, Арон Пол за најдобра машка споредна улога, а Ана Ган за најдобра женска споредна улога. Наградени беа и сценариото и камерата. „Брејкинг бед’, инаку, беше номинирана во дури 16 категории.
Веднаш зад „Брејкинг бед“ е „Вистински детективи“. Првата сезона на оваа серија освои веднаш пет Еми-награди. Метју Меконахи и Вуди Харлсон во серијата играат двајца иследници во калта на злосторствата. Еми-награда за најдобра женска улога освои Џулијана Маргилес за остварувањето во „Добра жена“.
Инаку, најмногу номинации за Еми годинава имаше серијата „Игра на престолот“ – дури 19.
На крајот серијата освои четири награди, но во споредни категории, како што е на пример – специјални ефекти. Доделувањето на наградите донесе разочарување и за луѓето кои стојат зад „Куќа од карти“. Серијата беше номинирана во 13 категории, а доби само една Еми и тоа во категоријата – тон.
„Куќа од карти“ во САД не се прикажуваше на телевизија, туку е продуцирана за мрежата Нетфликс, исто како и серијата „Портокаловата е нова црна“, која освои три Еми-награди.
За најдобра комедија беше прогласена серијата „Модерно семејство“ и тоа петти пат по ред. Џим Парсонс и Џулија Луис-Драјфус се прогласени за најдобри во машка и женска конкуренција во категоријата комедии за своите улоги во „Бубалици“ и „Вип“.
На доделувањето на наградите Еми, повеќе актери зборуваа за својот колега Робин Вилијамс, кој си го одзема животот пред две недели. Били Кристал го нарече Вилијамс „ѕвезда која зрачи на небото на комедијата“.
Линк: Оддавање почит на Вилијамс од страна на Кристал