Европската комисија предложи ревидиран план за санкционирање на профитабилната нафтена индустрија на Владимир Путин, за да им даде на некои земји во блокот повеќе време да се подготват за живот без увоз на руски гориво.
Според плановите што се изнесени денес пред дипломатите, Унгарија и Словачка ќе добијат одлагање до крајот на 2024 година – што е една година повеќе од првичниот план за да се прилагодат на забраната.
Чешката Република, која исто така изрази загриженост за временската рамка предложена од Урсула фон дер Лајен, ќе има рок до крајот на јуни 2024 година, според најновиот нацрт текст на Комисијата.
Унгарија и Словачка предупредија дека економската штета од прекинот на руските испораки на нафта ќе биде премногу сериозна доколку немаат повеќе време да се прилагодат. Словачка рече дека ѝ треба време барем до крајот на 2025 година, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на одложување за пет години.
Разговорите меѓу дипломатите од земјите на ЕУ се во тек и не е постигнат конечен договор за шестиот пакет санкции на блокот за Русија. Поткопувањето на нафтената индустрија на Путин се смета за витална во обидот да се ограничи клучниот прилив на приходи што помагаат во финансирањето на неговата инвазија на Украина.
Со продолжување на дебатата за деталите, преговорите меѓу земјите на ЕУ би можеле да траат доцна во петок навечер или во текот на викендот, јавија попладнево новинските агенции. (Р.Н.)