Уште еден руски олигарх почина под мистериозни околности, што е петти таков случај од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари. Овојпат станува збор за Александар Суботин (43), поранешен извршен директор на нафтениот енергетскиот гигант „Лукоил“.
Прелиминарната причина за смртта на Суботин, според полициски извор, е срцев застој, но медиумите пишуваат дека милијардерот наводно барал помош од шамани за „лекување на мамурлук“.
Олигархот, кој беше сопственик и на бродска компанија, наводно бил третиран со отров за жаби што му бил ставен во отвор во кожата. Набрзо потоа доживеал срцев удар по што добил лек за смирување од валеријана, пренесува „Дејли маил“.
Наредното утро, според наводи на локалните медиуми, бил пронајден мртов од шаманите Магуа Флорес (вистинско име Алексеј Пиндјурин) и Тина Кордоба (вистинско име Кристина Теихриб).
Двојката наводно лекувала клиенти со повик на духови, со жртва на животни и ги бања во крв од петли. Лани биле обвинети за злоставување на шминкерка и блогерка за време на патување во Мексико.
На истражителите им рекле дека Суботин бил пријател и негирале дека го третирале со шамански ритуали за пари. Суботин бил пронајден мртов во куќа во Митишчију, гратче северно од Москва, пишува руската агенција ТАСС.
Како што пишуваат руските медиуми, милијардерот се обратил за помош кај шамани во состојба на „тешка опиеност од дрога и алкохол“.
Четири мистериозни смртни случаи на руски моќници
Смртта на Суботин е една во низата на мистериозни случаи во последните недели меѓу бизнисмените во Русија. Критичарите на рускиот претседател Владимир Путин сметаат дека тие би можеле да бидат убиства.
Руските медиуми пишуваа и за смртта на четворица милијардери и раководители кои се поврзани со рускиот гасен и нафтен гигант „Гаспром“, а кои починаа по упадот на руските сили во Украина.
Првиот случај беше со милионерот Владислав Аваев (51), официјален преставник на Кремљ, кој ги убил сопругата и ќерката пред самиот да си пресуди. Бил на раководна позиција во „Гаспромбанка“ која е основата да му служи на „Гаспром“.
Неколку дена подоцна беше пронајден Сергеј Протосења обесен во Шпанија, откако наводно со секира ја убил сопругата Наталија и ќерката тинејџерка Марија. Беше заменик директор на „Новатек“, компанија блиска до Кремљ.
Александар Тјулаков, официјален претставник на „Гаспром“, беше пронајден мртов по два дена од „специјалната воена операција“ во Украина. Тој бил пронајден обесен во луксузен стан од неговата љубовница. Извештаите укажуваат дека бил претепан, пред „да си го одземе животот“.
Три недели претходно, во истата населба, бил пронајден мртов и шефот на транспорт на „Гаспром инвест“. На телото имал повеќекратни убодни рани и бил пронајден во локва крв на подот во тоалетот.