Со меѓународниот филмски фестивал „Нанси-Лорен“, кој се одржува во францускиот град Нанси од 29 август до 6 септември годинава, а кој важи за еден од најголемите филмски фестивали во овој дел на Франција, претседава и го координира долгогодишниот дописник од Франција кој има работено за многу македонски медиуми, Тони Гламчевски.
– Фестивалот е вистинска среќа за љубителите на филмот, прекрасен и фасцинирачки прозорец отворен кон филмската уметност. И истовремно кон светот. Светот, во кој филмот фрла светлина врз неговите сенки и рани. Филмот и нашиот фестивал ни дозволува да ги укинеме границите меѓу реалноста и фикцијата. Да заборавиме на се, барем додека трае филмот. Изборот на филмовите се однесува на секојдневниот живот, на обичните или необичните нешта, пишува Гламчевски во каталагот на фестивалот.
– Уредувачката политика при селекцијата на филмовите, всушност, е во насока на одбрана а разноликоста, секогаш во насока на квалитетот, со ангажирани, смешни, емотивни, вознемирувачки или изненадувачки филмови, додава тој.
Годинава тој жали што во селекцијата на 9 долгометражни играни филмови и во натпреварувачката селекција од 9 документарни и 32 краткометражни филмови не се најде ниту еден македонски филм.
Во натпреварувачката селекција на краткометражни филмови беа избрани само 32, од вкупно 1400 пријавени краткометражни филмови произведени меѓу февруари 2013 и април 2014 година.
Филмовите се претставени во шест селекции или вкупно 82 проекции: Меѓународна натпреварувачка селекција на 32 краткометражни филмови, избрани меѓу 1400 филмови направени во текот на 2013-2014 година.
Селекција на краткометражни филмови за млади и деца, Зизз – Селекција на интересни или необични фимови, Слободен избор на филмови од партнерите на фестивалот од Палиќ – Србија, Полска, Транскавказијата, Селекција на филмови на баскиски режисери, Селекција на филмови кои се прикажуваат на отворено во дворот на реновираната Мануфактура (монополот за тутун) и натпреварувачка селекција на европски документарни филмови.