Адвокатот на премиерот Никола Груевски на денешното рочиште го намали побарувањето од Зоран Заев на 50.000 евра или десетпати помалку велејќи дека целта не е да се постигне висока штета, туку да се докаже чесноста на премиерот Груевски.
Адвокатите на Зоран Заев повторно побараа да се дозволи сведочење на Ден Денчов, а судијката Весна Калковска по втор пат го одби Дончев како сведок, по што Зоран Заев стана и го напушти судењето.
-Намалувањето на казната е ефтин трик, а целта овде беше да се докаже вистинитоста на нашите наоди. Со самото тоа што судот не дозволува такви докази и го одби Дончев како сведок, ирелевантно е колку пари бара премиерот бидејќи ние сме спремени да ја докажеме вистината, рече Заев по напуштањето на судењето.
Претходно, во завршните зборови Зоран Заев кажа дека тој аудио-снимката за наводниот поткуп при продажбата на „Македонска банка“ ја добил лично од Ден Дочнев, генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ во време кога се одвива продажбата на банката, и дека Дончев му потврдил дека сите трансакции кои се споменуваат во снимката биле обавени. Одбраната сакаше да го донесе Дончев како сведок, но судот не го дозволи тоа.