„Се разбира дека сме песимисти и не очекуваме значаен пресврт во текот на ова судење…“, вака вчера коментираа некои од присутните адвокати на тужениот Зоран Заев во неформален разговор на паузата за рочиштето.
Судењето за тужбата за клевета која што премиерот Никола Груевски ја покрена против лидерот на опозицијата Зоран Заев за случајот „Македонска банка“ заврши со пресудата која денеска ја донесе судијката Весна Калковска. Случајот се затвори со тоа што Заев се прогласи за виновен. Тој треба да му плати 50 илјади евра на Груевски за претрпена душевна болка.
Кон песимизмот на тужените се надоврзуваат и други пресуди против новинари и опозициски политичари од блиското минато во кои што како тужители се јавувале функционери од власта.
Кога станува збор за премиерот Никола Груевски, од него на суд веќе загуби Тито Петковски од НСДП. Петковски беше осуден за клевета експресно во едно рочиште, а судија беше Нухи Рустеми. Она по што овој случај ќе се памети во јавноста беше сведочењето на премиерот Никола Груевски кога судијата Рустеми речиси и не и дозволи на одбраната да му поставува прашања на премиерот. Тој им одби десетици прашања, дури и кога премиерот сакаше да одговори. Петковски беше осуден со казна од 10.000 евра.
Казната, пак, за портпаролот на СДСМ Петре Шилегов беше 500.000 денари. Неговата пресуда ја изрече судијката во чија што судница сега се одвива спорот помеѓу Груевски и Заев. Весна Калковска оцени дека Шилегов треба да и плати на Гордана Јанкуловска за нарушување на честа и угледот за прес-конференциите одржани за нејзината имотна состојба.
Шилегов предходно презентираше документи според кои Јанкуловска за становите вредни 200 илјади евра, подигнала кредит од Шпаркасе банка во вредност од 90 илјади евра во јануари 2012 година, а само за година и 9 месеци вратила 75 илјади евра со две административни плати.
Шилегов подоцна изјави дека за него пресудата била очекувана и дека неговите писмени докази не биле земени во предвид. Гордана Јанкуловска не се појави во судницата.
Весна Калковска беше судија и во маратонскиот спор во кој што тужен за клевета и нарушување на честа и угледот беше зетот на Бојо Андревски и директор на весникот „Вечер“ Бобан Богдановски – Андревски кого повеќе јавни личности го тужеа поради текст објавен во весникот во Декември 2009 година со наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“ во кој што помеѓу другото пишуваше:
„Во Македонија се плаќаат новинари за ширење на пропаганда со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјата… Двата кратера се платени за да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот. Еден од кратерите е организиран од Фондацијата Сорос. Оваа фондација плаќа од нив одбрани новинари како Никола Гелевски, Бранко Геровски, Владимир Милчин, Ивица Антевски, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јордановски, Ема Маркоска Милчин, Ида Протуѓер, Ерол Ризаов, Билјана Секуловска…“ И двата кратери имаат една цел – притисок врз македонската Влада да се постигне договор со Грција, по секоја цена. Новинарите од двата кратери вршеа притисок за одреден хонорар, односно големи пари…“
Откако посочените личности во анонимниот текст го тужеа весникот, главниот уредник Драган Павловиќ-Латас се правдаше дека тој бил на пат кога бил напишан спорниот текст и не знаел за него. Директорот Бобан Богдановски – Андревски пред судот прво изјави дека автори на текстот се лично тој и новинарката Билјана Зафировска. Подоцна Андревски го смени исказот и кажа дека автор е само новинарката, додека таа негираше дека го напишала спорниот текст.
Случајот доби разврска дури кон крајот на Мај годинава, кога судијката Калковска одлучи да ја отфрли тужбата поради „непостоење на автор на текстот“. За ваквиот преседан во колумна се огласи и новинарот Ерол Ризаов, еден од споменатите во спорниот текст кој напиша:
„Кога некој ќе ве наклевети јавно преку медиумите дека сте грчки платеник за едно од најчувствителните прашања во Македонија, името на државата, и кога тоа трае со години целиот ваш труд, углед, работа и достигнувања се згазени. Кога, пак, судот тоа ќе го потврди на еден скандалозен начин дека не се знае кој е автор на оваа тешка клевета и дека со таквата пресуда таа и натаму има право на граѓанство и слободен пристап до јавноста, тогаш судијката Весна Калковска грубо згазна врз правдата и врз угледот и честа на луѓето кои цели пет години чекаа да победи правдата и да се симне срамот од нивниот образ, да се симне анатемата од нивното творештво и работа. Судот направи поголема неправда отколку клеветниците со бавното судење и со срамната пресуда. Нека Ви служи на чест г-ѓо Калковска. Ќе има со што да се гордеат вашите потомци“, напиша Ризаов.