Шведската премиерка Магдалена Андерсон денеска и официјално соопшти дека Шведска ќе ѝ се придружи на Финска во апликативниот процес за членство во НАТО за време на руската инвазија на Украина.
Оваа историска промена доаѓа по повеќе од 200 години шведска воена неутралност и најверојатно ќе предизвика бурни реакции од владата на рускиот претседател Владимир Путин.
„Со одлуката за следење на стапките на соседна Финска и да поднесе барање за членство во НАТО, Шведска се откажува од политиката на воена неутралност поради руската инвазија на Украина“, изјавија денеска шведските власти.
Премиерката Магдалена Андерсон, за време на обраќањето пред пратениците во парламентот во Стокхолм, ја оцени одлуката како „историска промена во безбедносната политика на Шведска“.
Андерсон кажа дека на земјата ѝ се потребни „формални безбедносни гаранции со членството во НАТО“ и додаде дека Шведска ќе го стори истото како и Финска, која вчера објави дека ќе поднесе барање за приклучување кон Алијансата.
Таа порача дека Шведска ќе ја има најдобрата одбрана како членка на НАТО и дека нема причина да се „верува дека трендот (на руските акции) ќе се промени во догледна иднина“.