Во Ел Салвадор се уапсени над 30.000 членови на криминални банди во последните 50 дена по војната на подземјето што ја објави претседателот Најиб Букеле во март, соопшти полицијата.
Букеле кон крајот на март прогласи вонредна состојба во земјата, по крвавиот викенд во кој 87 лица беа убиени во насилство меѓу бандите.
Полицијата и армијата од тогаш почнаа да приведуваат осомничени членови на банди, практикувајќи ги вонредните овластувања кои ја елиминираат потребата од налози за апсење. Малата централно американска држава петкратно ги зголеми казните за членство во бандите.
Националната полиција на Твитер соопшти дека само вчера (15 мај) биле уапсени 536 терористи, на датумот што го означуваше 50-от ден од почетокот на вонредната состојба“.
„Вкупниот број на уапсени лица од почетокот на војната со бандите изнесува 30.506“, додаде полицијата.
Бранот притвори е без преседан во оваа земја со население од 6,5 милиони жители, кое со децении страда од насилниот криминал, предводен од моќните банди, како МС-13 и Барио 18. Според властите, овие банди бројат околу 70.000 членови.