Финска од оваа недела може да остане без испораки на руски гас, пред сè, поради барањето на Москва за плаќање на енергенсите во рубљи и денешното официјално барање на Хелсинки да се приклучи на НАТО, соопшти денеска компанијата „Гасум“, фински државен снабдувач со гас.
„Гасум“ соопштува дека не добил никакви информации во врска со прекинот на испораката на гас од руската компанија „Газпром експорт“ или руската компанија за пренос на гас, но дека во тек се подготовки во случај Москва да го исклучи гасот до крајот на работната недела или во деновите од викендот.
„Гасум ќе продолжи да се подготвува за кризата заедно со своите клиенти и националните власти одговорни за итни снабдувања“, се наведува во соопштението.
Извозот на руски гас во Финска од 1 јануари до 16 март годинава во просек изнесуваше околу 3,2 милиони кубни метри дневно.
Финскиот комитет за вонредни состојби во минатиот петок јави дека е подготвен да се справи со проблемите во случај Русија да го прекине снабдувањето со природен гас.
Британските медиуми наведуваат дека Финска увезува најголем дел од својот гас од соседна Русија, но тој е само околу пет отсто од нејзината годишна потрошувачка на енергија.