Речиси 1.000 украински војници кои ја бранеа челичарницата Азовстал во Мариупол се предадоа на руските сили, иако некои украински официјални лица тврдат дека во комплексот се останати уште 1.000 борци. Најголем дел од лицата кои го положија оружјето се наоѓаат во областа Доњецк која е под контрола на сепаратистите, а властите во Киев се надеваат дека успешно ќе спроведат размена на затвореници.
Денис Пушилин, лидер на самопрогласената Доњецка народна република (ДНР), истакна дека за судбината на украинските борци од Азовстал ќе одлучува судот. Нивниот статус е нејасен, бидејќи во руската Дума има барања за третман на баталјонот Азов како терористичка организација. Тоа би довело до прашање дали Русија треба да ги третира предадените украински војници од челичарницата како воени заробеници. Во таков случај, се чини, размената би била невозможна.
Според податоци на Кремљ, околу 90 од 1.000 украински борци колку што се предадоа се повредени и се хоспитализирани. Покрај тоа, руската страна тврди дека во текот на ноќта се убиени 270 украински борци и онеспособени 54 единици на воена техника.
Заменичката на украинскиот министер за одбрана, Хана Малиар нагласи оти „во тек се преговори за ослободување на борците“, како и се прават планови за спасување на оние кои сè уште се наоѓаат во челичарницата.
„Процедурата на размена ќе биде извршена. Ако даде Господ, сe ќе биде во ред“, порача Малиар.
Но, украинскиот претседател Володимир Зеленски е повнимателен на таа тема.
„Мисијата на водење на војниците во нивните домови продолжува. За таа работа е потребна деликатност и време“, истакна тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вети дека кон борците кои се предадоа ќе се постапува во согласност со „меѓународните стандарди“ кои нема да важат за оние кои Русија ги смета за нацисти.
Руски истражители изјавија дека планираат да ги испитаат војниците кои би можеле да се соочат со „злосторства што ги направил украинскиот режим против цивилното население на југоистокот на земјата“.
Во вторникот вечерта, седум автобуси со украински војници ја напуштија челичарницата Азовстал во пристаништниот град и пристигнаа во поранешна затворска колонија во градот Оленивка во Доњецк кој е под контрола на Русите.
Русија ја нарече операцијата во Азовстал „масовно предавање“, додека украинската војска соопшти дека војниците кои ја бранеле челичарницата ги „извршиле своите борбени задачи“ и главна цел сега е да се спасат нивните животи.
Власти во Киев инсистираа на договор со кој ќе се овозможеше на борците да се повлечат на подрачја под контрола на Украина или нивна евакуација во неутрална земја. Меѓутоа, бидејќи во тоа не успеаја, украински официјални лица вчераутро соопштија дека одбраната на челичарницата е завршена.
„Тоа беше единствена опција“ заклучи Малиар.