Северна Кореја петти ден по ред пријави над 200.000 новозаразени пациенти со Ковид-19, со што вкупниот број на случаи во земјата надмина два милиона, јавија денеска јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирајќи ја севернокорејската државната телевизија.
Актуелниот бран на инфекции со ковид-19 во Северна Кореја, објавен минатата недела, предизвика загриженост за недостаток на вакцини, несоодветна медицинска инфраструктура и потенцијална криза со храна во оваа 25-милионска земја, која одбива странска помош додека ги држи границите затворени.
„Вчеравечер имало 219.030 нови лица со знаци на треска, со што вкупниот број на такви случаи достигна 2.460.640 милиони“, соопшти Корејската централна телевизија (КЦТВ), цитирајќи податоци од државната администрација за борба против епидемијата.
Бројот на починати лица досега е 66.
„Јонхап“ не соопштува колку лица биле позитивни на ковид-19, а западните медиуми не се во можност засега да добијат независна потврда за податоците.
Со оглед на фактот дека во Северна Кореја нема национална кампања за вакцинација, додека капацитетот за тестирање е ограничен, експертите проценуваат дека податоците објавени од државните медиуми би можеле да бидат потценети и дека е тешко да се процени големината на бранот на пандемијата.