Белгискиот дневен весник „Ле Соар“ открива дека Белгија ќе фрли 436.800 дози на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ поради изминат рок, јави дописничката на МИА од Брисел.
На пола милион дози им изминува рокот на 31 мај, додека во текот на летото уште 800.000 дози на „Модерна“ и 90.000 на „Фајзер“ ќе се најдат во медицинскиот отпад.
Ова е првпат Белгија да мора да се ослободи од вакцини против ковид-19 со поминат рок, тврдат властите. Пред неколку дена, вакцини со изминат рок беа испратени во Украина.
Вкупно 1,3 милиони дози на вакцини ќе бидат фрлени, затоа што не биле аплицирани, додека цели континенти остануваат невакцинирани поради одбивањето на богатите земји да ги ослободат вакцините од комерцијални патенти.
Белгиските власти се обидуваат да ја релативизираат оваа одлука преку споредба со соседните земји, бидејќи Франција минатиот месец фрли над три милиони дози на „АстраЗенека“.
Весникот „Ле Соар“ потсетува на француско новинарско истражување на „Ле Монд“ кое откри дека Нигерија стана главна дестинација на вакцини со изминат рок од цел свет.