Кина денеска го повика американскиот претседател Џо Бајден да не ја „потценува нејзината цврста решителност да го заштити својот суверенитет“, обраќајќи му се директно по неговото ветување што го испрати од Токио дека „САД воено ќе интервенираат во случај на кинеска инвазија на Тајван“. Од друга страна, Тајпеј не го криеше своето воодушевување од изјавата на Бајден.
Бајден во Токио кажа дека САД воено ќе го бранат Тајван во случај на инвазија на Пекинг на овој автономен остров, предупредувајќи дека Кина „флертува со опасност“ со своите воени маневри и дека ќе го брани Тајван од можен кинески напад.
„Веднаш бараме од САД да избегнуваат испраќање на лоши сигнали до силите кои се залагаат за независност на Тајван“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.
Тајпеј, пак, ја поздрави пораката на Бајден за тоа дека Вашингтон воено ќе го брани Тајван во случај Пекинг да го нападне островот, кој Кина го смета за дел од своја територија.
Тајванското Министерство за надворешни работи му се заблагодари на Бајден што ја потврди неговата посветеност на земјата, додавајќи дека владата ќе продолжи да ја зајакнува одбраната и да ја продлабочува соработката со земји како САД и Јапонија за одржување на безбедноста.