Синдикатот за угостителство и туризам им порачува на сите оние работници коишто имаат намера да заминат на сезонска работа надвор од државата да бидат внимателни при изборот на агенции кои посредуваат при вработување.
– Имено, познато е дека по социјалните мрежи има еден куп на огласи коишто најчесто се објавуваат од страна на т.н. „еден човек агенција”, кои навидум нудат „работа од соништата”, а во реалноста тоа воопшто не е така, за што потврдуваат и самите сезонски работници кои заминале на работа преку овие “агенции”. Истите намерно пишуваат огромни суми на плати, кои во реалност не изнесуваат толку. Наведуваат дека на работниците им се платени патот и сместувањето, за да испадне дека тоа воопшто не е така и работниците сами да ги плаќаат овие трошоци, соопштија денеска од Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија.
Уште потрагично е тоа што со “огромните плати” коишто ги наведуваат, велат дека ќе работат од 8 до 10 часа, за што ќе им биде платено дополнително. Во реалноста, ова воопшто не е точно. Искуствата покажуваат дека наместо гореспоменатите часови, работниците работат од 12 до 14 часа секој ден, а дополнителните часови не им се надоместени.
Синдикатот за угостителство и туризам неодамна започна соработка со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска, преку кој на нашите членови кои ќе одат да работат таму добиваат синдикална заштита со тоа што се вработуваат во компании со кои тамошниот синдикат има склучено колективни договори. Така, работниците од Македонија ги уживаат истите права како и нивните колеги од Хрватска.
СУТ прави напори да склучи соработка и со останатите синдикати од регионот, со цел македонските сезонски работници да имаат поголема заштита.
Секако, ќе продолжиме да се бориме и за работничките права на угостителско– туристичките работници и во Македонија, пред се преку кревање на свеста на работниците и преземање на конкретни дејствија за да тие бидат заштитени и ги имаат правата кои што им следуваат согласно законите во Македонија.
Уште еднаш апелираме до работниците да бидат крајно внимателни и добро да се информираат пред да заминат на сезонска работа.
Ние како синдикат секогаш сме тука да помогнеме и да укажеме на ваквите непосакувани појави кои можат работниците да ги стават во неповолна положба, порачуваат од овој синдикат.