Додека уште ги средуваме впечатоците од завчерашниот историски настан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, порталот НоваТВ низ видео и фотогалерија се навраќа на клучните моменти од заедничката литургија меѓу МПЦ-ОА и СПЦ на која патријархот Порфириј на насобраните верници им соопшти дека Синодот на СПЦ ја одобри автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Веста беше дочекана со бурен аплауз, бидејќи означи крај на 55-годишната шизма меѓу двете сестрински цркви и означи ново поглавје во црковните, но и во политичките односи во регионот и пошироко.

Одлуката била строго чувана тајна до одржување на литургијата во Скопје.

Црковни аналитичари оценуваат дека одлуката, иако предизвикала изненадување во православниот свет, сепак била очекувана, особено по засилениот ангажман на Вселенската патријаршија и сметаат дека ќе биде прифатена од другите помесни цркви.

За Руската православна црква, „признавањето на автокефалноста на Црквата во Северна Македонија од страна на Српската православна црква“ е исклучителен настан, за кој се очекува да се разговара на наредниот состанок на Светиот синод.

Она што се случи со МПЦ, според црковниот аналитичар и историчар Горан Благоев, е очекувано, особено откако Бугарската православна црква во 2019 година одби да се заложи да го поддржи решавањето на македонскиот црковен случај.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервју за грчката телевизија ЕРТ рече дека прашањето со шизмата, многу години било во фокусот на Патријаршијата.

Црковни аналитичари од Бугарија велат дека Бугарската православна црква ќе мора да ја признае Македонската црква како една од многуте православни цркви во светот.

Враќањето на канонското единство на Охридската архиепископија беше неопходен чекор кон признавањето на автокефалноста на МПЦ.
