„Не можете гласно да зборувате и да демонстрирате, а потоа да изберете улога во филм што не е поврзано со тоа. Јас избирам приказни што чувствувам дека треба да бидат раскажани“, вели оскаровката Жулиет Бинош во интервју за британскиот Телеграф.
Жулиет Бинош е позната интернационална актерка во чија филмска кариера се запишани имињата на едни од најдобрите режисери како што се Жан-Лук Годар, Кшиштоф Кишловски, Лас Халстром и Антони Мингела.
Фактот што таа доби Оскар за улогата во филмот „Англискиот пациент“ не направи промени кај неа, таа остана незаведена од Холивуд. Оскарот сепак заврши во рацете на нејзиниот син како играчка што после некое време почнува да го губи својот сјај.
„За мене Оскарот е последица, а не цел. Мојата цел е повеќе скриена, подлабока. Како дете сонував дека ќе ги спојам луѓето од цел свет. Ако може да се направи тоа низ филм, можете ли да замислете само колку прекрасно би било тоа?“, објаснува Бинош.
Нејзина намера е да ги следи интересните независни филмови или оние малку платените кои навистина можат да понудат креативна театарска продукција.
Бинош никогаш не почувствувала страв да му каже „не“ на режисерот Стивен Спилберг и тоа три пати за филмовите „Индијана Џонс“, „Паркот Јура“ и „Листата на Шиндлер“. Таа дури и се откажала по првиот снимен филм за „Невозможна мисија“.
За работата со високобуџетни филмови таа вели дека е многу потешко.
„Имате голем број на луѓе што доаѓаат на снимањето, а вие не знаете кој за што е. Сепак, тука е камерата, имате режисер, неколку зборови што треба да бидат кажани и ситуација. Играта е иста, сепак кога помалку пари се вложени, има повеќе слобода“, вели актерката во едно интервју за странските медиуми.
Таа има студирано драма во Париз на најпрестижниот факултет, сепак нејзиното детство не било баш сјајно. Кога имала само четири години нејзините родители се разведуваат, па таа и нејзината сестра Марион се оставени сами на себе да се грижат. Така, од провинција, пристигнува во Париз каде со огромна страст кон актерството, преку ден е касиерка, а преку ноќ присуствува на ноќни часови по драма.
Режисерите со кои таа соработувала сите подеднакво велат дека еднаш кога Бинош ќе се соживее со улогата не остава ниту сите детаљ необработен. Таа според нив е опседната со деталите.
Карактерот ѝ дозволува лесно да се прилагодува, така во еден филм ќе ја видете како плаче, а во друг како гордо го држи својот апарат и го отсликува денешното помалку познато општество. Солидарноста ја покажува и како поддржувач на организацијата „Репортери без граници“, на бројни демонстранции, рамо до рамо со новинари.
Нејзината подготовка за улогата најчесто е напорна. За „Илјада пати добра ноќ“ таа се сретна и помина некое време со новинари обучени за конфликти и човечки проблеми вклучувајќи ги најдобриот американски фоторепортер Линси Адарио, Сидсел Волд (репотер за Би-Би-Си од Блискиот Исток) и Зориа Милер којашто ѝ покажа на Бинош како да се справи со камерата и со јазикот на телото.
Во „Илјада пати добра ноќ“ таа ја глуми Ребека, фотограф во Авганистан. Филмот почнува со тоа како Ребека слика жени коишто прават подготовки пред да се самоубијат со бомба. Кога ќе тргнат кон планираната дестинација Ребека (Жулиет Бинош) сака да продолжи со нив за да ја раскаже целата приказна. На крај, таа завршува со сериозни повреди и доаѓа до момент кога треба да избере помеѓу нејзиното семејство и нејзината професија.
По промоцијата на нејзиниот последно сниман филм „Облаците на Силс Марија“ таа пристигна во Битола на фестивалот „Браќа Манаки“ каде што е добитник на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност.