Под 97 долари за барел е новата цена за нафтата откако нејзината цена се спушти за рекордно ниво во последните две години, а странските медиуми пренесуваат дека тоа е поради слабите економски податоци од Кина.
Послабите економски показатели на Кина ја засенија прогнозата на светската побарувачка за нафта во услови на обилно снабдување. Во август, кинеското индустриско производство забележа најслаб раст за речиси шест години. Тоа ја зголеми загриженоста дека на втората по големина економија ѝ се заканува опасност од нагло забавување.
„Наједноставно објаснување за актуелниот пад е дека очигледно има повеќе продавачи од купувачи. Додека побарувачката паѓа, проиводството и натаму расте“, констатира Еуген Вајнберг од франкфуртската Комерцбанк.
На лондонската берза цената на барелот падна за 21 цент во однос на затворањето на берзата во петокот, од 96,90 долари, а накратко падна и на најниско ниво од 2 јули 2012 година, од 96.21 долар. На американската берза со барелот се тргуваше по 60 центи пониска цена од 91,67 долари, а накратко падна и на само 90,63 долари.