Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да ја прифати иницијативата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој сака да организира средба со Владимир Путин, објави денеска украинскиот портал „Вести“, цитирајќи го Серхиј Никофоров, член на прес-службата на украинскиот претседател.
Порталот соопшти дека го контактирале Никифоров, кој им соопштил дека е рано да се зборува за форматот на средбата. Агенцијата ТАСС пренесува дека, според Никифоров, станува збор само за начелно прифаќање на ваква средба.
Зеленски вчера имаше телефонски разговор со Ердоган, а претходно и рускиот претседател разговараше со својот турски колега.
Според соопштението од кабинетот на Ердоган, тој му соопштил на Зеленски дека Турција е подготвена да продолжи со напорите да посредува во мировниот дијалог меѓу Русија и Украина.
За време на вчерашниот телефонски разговор со Путин, пак, турскиот претседател понуди да организира состанок во Истанбул на кој ќе присуствуваат претставници на Русија, Украина и Обединетите Нации.