„Не излегувајте од засолништа и подгответе ги маските за лице кои треба да бидат намокрени со раствор од сода, Русите погодија резервоар со азотна киселина“, напиша гувернерот на Луганск, Серхиј Хајдај на „Телеграм“.
Тој ги предупреди граѓаните да ги преземат посочените мерки, бидејќи азотната киселина може да предизвика оштетување на белите дробови и губење на видот.
Проруските сепаратисти, пак, објавија дека резервоарот со азотна киселина „експлодирал“ во фабрика за азот во Северодоњецк.
Хајдај објави и фотографии од голем розов облак што се издига над станбените згради во градот. Гувернерот на Луганск додаде дека голем дел од Северодоњецк, најважен град на истокот на Украина во кој се водат жестоки борби, е под контрола на руската војска.
„Руските војници, за жал, денеска контролираат голем дел од градот“, изјави Хајдај за украинската телевизија, оценувајќи дека „90 отсто од Северодоњецк е разурнат“.
„Би-Би-Си“ пишува дека во Северодоњецк се водат интензивни борби, додека руските сили се обидуваат да го заземат градот.