Со музика, вино и дружење, скопската Општина Центар го отвори просторот резервиран за боеми.
Боемската улица е пешачка зона која се протега од кафеаната „Канцеларија“ до „Ганза“ во Дебар Маало. Таму, кафеанџиите, уметниците и сите кои имаат добра идеја ќе можат да го искористат просторот како уникатно катче за организирање настан.
Новото решение на улицата „Ѓорѓи Пешков“ е трансформација во амбиентална пешачка зона со ниски станбени објекти, куќи со дворови и гостилници со вкупна површина од 2.000 метри квадратни. Како декорација е поставен изнајмен пајтон, а на почетокот на улицата e поставено знаме со официјалното лого на боемската улица.
На отворањето присуствуваа високи политички функционери, музичари, уметници и граѓани кои го негуваат духот на боемскиот живот.
Вечерашното отворање почна со читање на Владимир Јанковски, писател.
-Во секој град, без разлика дали е мегалополис или престолнина, постои борбата меѓу тој личен, интимен град и неговото официјално лице. Официјалното лице на градот најчесто е набиено со знаците на големите нарации.
Баналните градски маркери, оние препознатливи и здодевни разгледница-општи-места, интересен плен само за туристот-ловец затрчан низ улиците за во колку што е можно покус рок да улови колку што е можно повеќе фотографии, оној кому повеќе му е важна лажната нова фасада од изразот на лицето на непознатиот човек со кој се разминува или седи на соседната маса…
Наспроти нив се оние урбофили во градот кои многу повеќе ги сакаат неконвенционалните тетоважи врз градското тело, исцртувања водени од поинаква логика.
Скопје е град на нештата што поминуваат, на нештата што исчезнуваат. Речиси е невозможно една кафеана да постои со исто име и ентериер повеќе од неколку години, една улица со секавична брзина да не добие нови објекти и сосема непрепознатлив лик. Но, градот има своеглава меморија. Тој секогаш памети на некој свој, непредвидлив начин.
Запишаните траги на оние што живееле или само повремено престојувале во него се исто толку важни како и сите оние нешта што неговите жители ги искажале, помислиле или направиле. Овие вторите траги се само навидум исчезнати. Тие сепак продолжуваат да постојат во телото на градот одржувајќи го неговиот дух, порача Јанковски.
-Дебар маало е боемската душа на Скопје, рече градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски . Со здравица им посака на присутните секој да го најде боемот во себе.
Во продолжение погледнете ги фотографиите од првата боемска вечер.