И пивото поскапува поради инфлацијата, што во Германија не било случај со децении, па литарска кригла пиво на Октоберфест ќе чини меѓу 12,60 и 13,80 евра, соопшти локалната власт на Минхен.
Цените ќе бидат во просек за 15,77 отсто повисоки од претходниот Октоберфест во 2019 година. Тогаш криглата чинеше меѓу 10,8 и 11,8 евра. Фестивалот не се одржуваше во последните две години поради пандемијата. Подобро ќе поминат посетителите кои ќе се одлучат за вода, којашто во просек ќе чини 9,67 евра за литар. Но, и тоа е за 80 евроценти повеќе од 2019 година.
Градот Минхен посочува дека не одлучува за цените на пијалаците. Па, како организатори, само ги споредуваат цените што ги одредуваат угостителите со редовните цени на подрачјето на градот кои сега се движат меѓу 6,70 до 11,20 евра за литар.
„Добро е што цените на пивото не надминаа 14 евра. Но, тие сѐ уште се доста високи. Во иднина, ќе мора да се погрижиме Октоберфест да остане подостапен“, изјави директорот на Октоберфест, Клеменс Баумгертнер.
Инфлацијата, повисоките трошоци за работна сила и енергијата, според домаќините, се главните причини за поскапување на забавата на Октоберфест. Според Петер Инселкамер, претставник на угостителите, повисоки ќе бидат и трошоците за поставување на шатори.




