Туркије им постави 10 услови на Шведска и на Финска за да го одобри пристапот во НАТО. Двете земји на 18 мај поднесоа барање за членство во НАТО кое беше упатено до генералниот секретар Јенс Столтенберг, поради војната во Украина, но официјална Анкара го блокира процесот, поради нивниот третман кон членовите на Курдската работничка партија (ПКК), која Туркије ја третира за „терористичка“.
На двете земји им е предложено да ја поддржат Анкара во борбата против ПКК (забранета во Туркије), како и организациите на имамот Фетула Ѓулен и нивните ограноци.
„Бидејќи Шведска и Финска, поддржуваат терористички организации, мора да ги воспостават потребните правни норми и инфраструктура за борба против тероризмот. Неопходно е да се спречат обидите за отворање канцеларии на ПКК во двете земји, да се спречи активноста на организацијата на Ѓулен и да се затворат веб-страницата и медиумите, се наведува во написот за десетте услови од Анкара кон Стокхолм и Хелсинки, на весникот „ Јени шафак“.
Туркије побара и да се замрзнат и затворат средствата поврзани со тероризмот.
„Посебно внимание се посветува на депортацијата и екстрадицијата на лицата поврзани со тероризмот во Шведска и Финска. На терористичките организации како што е ПКК мора да им се забрани одржување демонстрации, а од земјите е побарано да ги споделат своите разузнавачки информации со Туркије.
Дополнително на Шведска и на Финска им е предложено да ги укинат ограничувањата за турската одбранбена индустрија.