Изненаден сум од разговорите што ги водат канцеларот Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон со Путин. Ништо нема да се постигне со нив, тврди полскиот претседател, Анджеј Дуда за германскиот весник „Билд“.
За Дуда, разговор со рускиот претседател Владимир Путин претставува „вид на легитимизација на лицата кои се одговорни за злосторствата што руската војска ги изврши во Украина“.
Самиот Путин е одговорен за испраќање на својата војска во Украина, смета Дуда, додавајќи дека тој добива поддршка од неговите воени команданти.
„А дали некој вака разговарал со Адолф Хитлер за време на Втората светска војна? – Дали некој кажал оти мора да се сочува образот? – Дека работите мора да се направат на начин, со што, нема да се понижи Адолф Хитлер?“, прашува полскиот претседател.