На крајот од денешната 5 – часовна заедничката литургија меѓу Вселенската патријаршија и Македонската православна црква отелотворена во Охридската архиепископија која се одржа во Фанар, Истанбул Патријархот г. Вартоломеј и Архиепископот г. Стефан се прегрнаа а претходно и двајцата одржаа беседи, Вартоломеј на грчки а Стефан на македонски јазик.

„Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет. Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и кој ги лекува раните, кој ги надополнува човечките недостатоци, кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу Епископите на Источната Света Христова Црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела, та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин – рече меѓу другото во беседата патријархот Вартоломеј.
Од своја страна поглаварот на МПЦ-ОА г. Стефан му заблагодари на Бога и на Вселенската патријаршија за овој со историска димензија црковен настан.
„Ваша Сесветост,
Вам Ви е добро познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква.

Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме.
Во Вас е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство, при Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Нашиот завет е дека упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените– порача Архиепископот Стефан.