За работата во првите 100 дена, Владата добила оцена 2,44 од максимум 5, покажало истражувањето на МЦМС за чии потреби анкетата ја изработила агенцијата М Проспект. Од МЦМС велат дека анкетата не содржела рејтинзи на партиите туку симпатизерство.
Високи 65,1 отсто од граѓаните изјавиле дека Владата не ги исполнила нивните очекувања.
На прашањето: „ Ако утре се одржат парламентарни избори за која партија ќе гласате“ , според анкетата ВМРО-ДПМНЕ ќе освоело 20,7 отсто од гласовите а СДСМ 14,6 отсто. За ДУИ би гласале 7,8 отсто, за Алијанса 2,9 отсто а за БЕСА 2,3 отсто. Поддршката за Левица е 5,2 отсто од испитаниците.
Дека им се влошил квалитетот на живот во последната година, изјавиле 58,7 отсто од граѓаните.За 29 отсто квалитетот на живот им бил ист. Граѓани со подобрен квалитет на живот последнава година, се изјасниле 10,7 отсто.
55,1 отсто од граѓаните рекле дека економската состојба ќе се влоши во наредните две години. Речиси исто или 55,8 отсто од испитаниците сметале дека државата се движи во лоша насока а за 16, 8 од испитаниците насоката била правилна.
Владата ужива доверба кај околу една третина од граѓаните, а 63,7 отсто од нив не и веруваат на Владата.
Како најголем проблем за 30 отсто од граѓаните се сиромаштијата и невработеноста. За 25,9 отсто од граѓаните најголем проблем биле корупцијата и криминалот.
Економската ситуација и иселувањето на младите како најголем проблем го навеле речиси ист процент од анкетираните 13,9 отсто, односно 13,5 отсто.
На прашањето „во кои подрачја Владата ги исполни вашите очекувања овие 100 дена?“, секој петти граѓанин рекол дека неговите очекувања не се исполнети во ниту едно подрачје.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, имал најдобар резултат од позитивните и негативните мислења на граѓаните за тоа како функционерите си ја вршат работата. Подолу на таа листа се Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, по што со ист резултат се министрите за финансии и за транспорт и врски, Фатмир Бесими и Благој Бочварски.
Според 36,3% од испитаниците, потребни се предвремени парламентарни избори, додека за 30,4% излезот е во целосната мобилизација за надминување на предизвиците и формирање широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
23,3 отсто од испитаниците имаат верба дека сегашната влада има сила и способност да продолжи и успешно да ја води земјата .
Истражувањето е спроведено во периодот од 3 до 13 мај 2022 година со телефонска анкета на национален репрезентативен примерок од 1005 испитаници.
Целосната анкета е достапна на следниот линк.