Русија заработила, речиси, 100 милијарди евра од извоз на нафта и гас за време на првите 100 дена од војната во Украина, иако руските приходи опаднаа во мај, покажува извештајот на независниот Центар за истражување на енергија и чист воздух со седиште во Хелсинки и, исто така, предупредува на потенцијални пропусти во напорите на ЕУ и САД да го ограничат увозот од Русија, пренесува „Би-Би-Си“.
Извозот на руска нафта и гас е во пад, а приходите на Москва од продажба на енергија, исто така, бележат надолен тренд во споредба со мартовскиот рекорд од преку една милијарда долари дневно.
Руските приходи, сепак, и натаму се високи по историските мерила и сè уште ги надминуваат широките официјални проценки на трошоците за војната во Украина.
Во извештајот се наведува дека планираното ембарго за нафта на ЕУ ќе има значително влијание, но воедно се истакнува дека големи колични на руска сурова нафта се транспортираат во Индија каде се преработуваат за натамошна продажба, често токму на купувачи во Европа и во САД.
Документот на независниот Центар за истражување на енергија и чист воздух истакнува и дека Русија е во потрага по нови пазари за нафта, голем дел од количините се транспортираат со бродови од кои најголем дел се сопственост на европските држави, наведува Танјуг.