Министерството за одбрана на Русија ги повика украинските војници во Северодоњецк да го положат оружјето и утре да се предадат, пренесува „Си-Ен-Ен“.
„Ги повикуваме властите во Киев да покажат внимателност и да дадат соодветни упатства на милитантите да го запрат бесмислениот отпор и да се повлечат од територијата на фабрикара Азот“, се наведува во соопштението.
Руската војска, исто така, соопшти дека во текот на утрешниот ден ќе воспостави хуманитарен коридор за евакуација на цивили кои се заробени во хемиската фабрика Азот во опколениот град Северодоњецк, јави „Би-Би-Си“.
„Руските вооружени сили и формациите на Луганската Народна Република, раководејќи се според принципите на хуманост, се подготвени да организираат хуманитарна операција за евакуација на цивили“, се истакнува во соопштението на руското МО.
Притоа се додава дека цивилите ќе бидат транспортирани во сепаратистичкиот регион Луганск.
Министерството јави дека Украина побарала од Русија да воспостави коридор за евакуација, со што би помогнала на цивилите да ја напуштат фабриката, во ситуација во која руските сили ги уништија сите мостови што го поврзуваа Северодоњецк со територијата под украинска контрола.