Данска и Канада ќе малиот ненаселен остров на Арктикот, познат како Ханс Ајленд, на два еднакви дела за ставање крај на, речиси, 50-годишниот спор околу сопственоста врз таа територија, соопшти данското Министерство за надворешни работи.
„Канада и Данска ќе го поделат островот од 1,2 квадратни километри, што се наоѓа на средина меѓу Гренланд и канадскиот остров Елзмирн, на два, речиси, идентични делови по природниот расцеп“, пренесуваат британските медиуми.
Договорот официјално ќе го потпишат министрите на двете земји по одобрување во парламентите. Се додава дека станува збор за главно симболичен дипломатски чин, со цел да се избегнат тензиите на далечниот север.
Британските медиуми наведуваат дека двете членки на НАТО водеа бенигна кавга околу Ханс Ајленд уште од 1971 година.
Се наведува дека ниту една земја не знаела за претензиите врз островот на другата страна сè до билатералниот состанок во 1971 година на кој се разговарало за територијалните граници.
Од 80-те години на минатиот век, официјални лица, научници и војници од Данска и Канада го посетуваат островот и наизменично го отстрануваат знамето на друга земја и го истакнуваат своето.
Островот го добил името по гренландскиот истражувач Ханс Хендрик, кој учествувал во првата експедиција на островот во 1853 година, а на гренландски е Тартупалук, што значи „во форма на бубрег“.
„Дури станала и традиција посетителите да оставаат шише канадско виски или данска ракија за нивните ривали да ги најдат при нивната следна посета“, пишуваат медиумите.
Британските медиуми потсетуваат дека Кралството Данска управува со Гренланд, како автономна територија, на кој му отстапи одредени области како надворешната и безбедносната политика.