Тенисер(к)ите од Русија и од Белорусија ќе може да настапат на годинашното издание на Ју-Ес опен, и покрај руската инвазија на Украина, соопштија организаторите на американскиоот гренд слем.
Извршниот директор на Тенискиот сојуз на САД, Лу Шер за агенцијата АП изјави дека УСТА решила да дозволи настап на руските и на белоруските тенисер(к)и под неутрално знаме, како што беше случај и на други тениски турнири во светот, вклучувајќи го и Ролан Гарос кој заврши на 5 јуни.
По почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, спортистите од Русија се соочија со забрана за учество во натпревари во бројни спортови, меѓу кои и во баражот за Светското првенство во фудбал во Катар.
Но, руските и белоруските тенисер(к)и, сепак, нема да можат да учествуваат на претстојното издание на Вимблдон, што предизвика реакции на тениските здруженија, но и некои истакнати ликови во „белиот спорт“ меѓу кои и Новак Ѓоковиќ.
Ју-Ес опен ќе почне на 29 август во Њујорк, а во улога на бранител на титулата во машка конкуренција ќе биде Русинот Данил Медведев.