Регистриран е првиот случај на мајмунски сипаници во Србија, соопшти денеска Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ од Белград. Станува збор за лице кое влегло во Србија од странство, пренесуваат српските медиуми.
„Институтот за јавно здравје спроведе епидемиолошка истрага за случајот и спроведени се сите мерки на евидентирање, тестирање, пријавување и контрола на натамошното ширење на инфекцијата согласно стручните методолошки упатства, соопштија од „Батут“.
Упатството што го наведува „Батут“, меѓу другото, подразбира дека еден пријавен случај подразбира постоење на епидемија на оваа болест во Србија, објавија претходно медиумите.
Како што објасни професорот по инфектологија Драган Делиќ за весникот „Данас“, причина за тоа е што оваа болест претходно ја немало во Србија.
Запрашан дали мајмунските сипаници може да доведат до пандемија слична на ковид-19, тој рече дека се работи за неспоредлива болест, и кога се работи за начинот на пренесување, и за смртноста и за достапноста на лекови.
Во стручните методолошки упатства на „Батут“ е наведено и дека пациентот треба да биде изолиран се додека симптомите, вклучително и осипот, не се повлечат. Исто така, неопходно е контактите на пациентот да бидат под еден вид надзор. Доколку немаат симптоми на болеста, можат да продолжат со секојдневните активности. Во случај на симптоми, контактите се изолираат седум дена. Изолацијата се прекинува доколку не се појави осип.
За првиот потврден случај во Србија се известени меѓународните здравствени институции.
Од „Батут“ упатија апел до граѓаните за зачувување на своето здравје да ги применуваат сите превентивни мерки и да ги почитуваат препораките на здравствените установи.