Руски воен брод вчера двапати влегол во данските територијални води во близина на островот Борнхолм во Балтичко Море, соопшти Данската одбранбена команда.
Корветата влегла во данските води северно од малиот остров Кристијансон, во близина на поголемиот остров Борнхолм. По радио пораките на данската морнарица, бродот веднаш ја напуштил областа, објавија денеска данските власти.
Министерот за надворешни работи, Јепе Кофод го повика рускиот амбасадор на разговори за инцидентот.
„Тоа беше длабоко неодговорна и целосно непотребна провокација за време на Фолкемодет“, напиша Кофод на Твитер, мислејќи на годишниот политички настан што се одржува во Борнхолм.
Тој додаде дека „насилните тактики не функционираат против Данска“.