Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски јавно се обрати до премиерот Димитар Ковачевски кого го прашува зошто сè уште нема информации за францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и откочување на процесот на преговори за членство на Македонија во Европската Унија (ЕУ), и покрај бројните реакции во јавноста кои ги оцени како издржани.
Димитриевски вели оти е недозволиво за Македонија да не е запозната со предлогот на Франција за надминување на разликите со Бугарија и добивање на датум за одржување на првата меѓувладина седница со ЕУ. Воедно го прашува Ковачевски „зошто не се бара реципроцитет и за Македонците во Бугарија, ако веќе има барање за внесување на Бугарите во македонскиот Устав“.
„Недозволиво е граѓаните секојдневно да слушаат невистини и навреди од страна на бугарски претставници, а Македонија, поточно членовите на Владата и надлежните институции сè уште да молчат по овој предлог, исто како што молчеа и за последниот случај со отворањето на Здружението на граѓани во Битола под името „Ванчо Михајлов“, кој бил потврден фашистички соработник, а целиот негов живот работел против македонската државност. Граѓаните треба да бидат информирани за сите разговори околу овој спор, за сè што се случува! Како премиер на сите граѓани во оваа држава имате обврска да им објасните на граѓаните што значи, но и што предвидува овој документ за Македонија“, пишува Димитриевски.
Ако Бугарија уште на почеток ја кочи евроинтеграцијата на Македонија, што може да се очекува во иднина, до влезот на земјава во ЕУ.
„Доколку Бугарија уште на самиот почеток го кочи отпочнувањето на претпристапните преговори на Македонија со ЕУ со услов за внесување на Бугарите во Македонскиот Устав, што ќе следува подоцна во текот на преговорите, па се до влезот во Унијата? – Како е возможно да биде поважно внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, а за Македонците во бугарскиот Устав воопшто и да не се споменува, зошто нема реципроцитет? Дали нашата цена за влез во Европската Унија ќе биде откажување од македонската држава!? – Дали цената за отпочнување на преговорите, но и за влез во ЕУ е бугаризација на Македонија!? – Како е возможно како владини претставници за кои ве плаќаат сите граѓани во оваа земја досега да не покажете цврст став во однос на преговорите со Бугарија?“, додава Димитриевски.
Прашува зошто нема никаква реакција на изјавата на Слави Трифунов од „Има таков народ“ за тоа дека Бугарите не го прифаќале постоењето на македонскиот јазик и дека таков јазик немало. Димитриевски дава поддршка за отфрлање на францускиот предлог.