Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски јавно се обрати до премиерот Димитар Ковачевски кого го прашува зошто сè уште нема информации за францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и откочување на процесот на преговори за членство на Македонија во Европската Унија (ЕУ), и покрај бројните реакции во јавноста кои ги оцени како издржани.

„Македонија е сѐ што имаме“ велеше нашиот прв претседател на државата Киро Глигоров, којшто ни остави аманет да ја чуваме, негуваме и унапредуваме оваа наша македонска држава, за нашите деца и за идните поколенија. Но, дали денеска е навистина така? – И дали денеска ја имаме истата визија за државата!? – Нашите родители, баби и дедовци се бореа за оваа татковина! – Се бореа за еден ден да ни остават на нас слободна и независна Македонија, држава во која ќе има подобар живот, посреќни граѓани и мотивирани млади кои ќе имаат поголеми можности за развој и напредок, наместо својата иднина да ја гледаат во странство. Но, тие исто така ни оставија и аманет за заедничко делување и заедничко трасирање на македонскиот пат кон Европската Унија“, пишува во отвореното писмо на Димитриевски до Ковачевски на Фејсбук.  

Димитриевски вели оти е недозволиво за Македонија да не е запозната со предлогот на Франција за надминување на разликите со Бугарија и добивање на датум за одржување на првата меѓувладина седница со ЕУ. Воедно го прашува Ковачевски „зошто не се бара реципроцитет и за Македонците во Бугарија, ако веќе има барање за внесување на Бугарите во македонскиот Устав“.

„Недозволиво е граѓаните секојдневно да слушаат невистини и навреди од страна на бугарски претставници, а Македонија, поточно членовите на Владата и надлежните институции сè уште да молчат по овој предлог, исто како што молчеа и за последниот случај со отворањето на Здружението на граѓани во Битола под името „Ванчо Михајлов“, кој бил потврден фашистички соработник, а целиот негов живот работел против македонската државност. Граѓаните треба да бидат информирани за сите разговори околу овој спор, за сè што се случува! Како премиер на сите граѓани во оваа држава имате обврска да им објасните на граѓаните што значи, но и што предвидува овој документ за Македонија“, пишува Димитриевски.

Ако Бугарија уште на почеток ја кочи евроинтеграцијата на Македонија, што може да се очекува во иднина, до влезот на земјава во ЕУ.

„Доколку Бугарија уште на самиот почеток го кочи отпочнувањето на претпристапните преговори на Македонија со ЕУ со услов за внесување на Бугарите во Македонскиот Устав, што ќе следува подоцна во текот на преговорите, па се до влезот во Унијата? – Како е возможно да биде поважно внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, а за Македонците во бугарскиот Устав воопшто и да не се споменува, зошто нема реципроцитет? Дали нашата цена за влез во Европската Унија ќе биде откажување од македонската држава!? – Дали цената за отпочнување на преговорите, но и за влез во ЕУ е бугаризација на Македонија!? – Како е возможно како владини претставници за кои ве плаќаат сите граѓани во оваа земја досега да не покажете цврст став во однос на преговорите со Бугарија?“, додава Димитриевски.

Прашува зошто нема никаква реакција на изјавата на Слави Трифунов од „Има таков народ“ за тоа дека Бугарите не го прифаќале постоењето на македонскиот јазик и дека таков јазик немало. Димитриевски дава поддршка за отфрлање на францускиот предлог.

„Доколку навистина работите во интерес на граѓаните, на државата, на нашата една и единствена Македонија, веднаш отфрлете го францускиот предлог, затоа што тој документ предложен од Франција претставува дебакл за македонската дипломатија. А, со прифаќање на овој предлог дозволувате да биде менувана историјата на македонскиот народ, која досега има своја македонска историја, македонска култура, јазик и нација“, наведува Димитриевски кој го завршува писмото и со лична порака до Ковачевски, на кумановски дијалект:
„Не забрављај, наши корени су кумановски, наши предци су утемељени у овуј нашу Македонију с’с жртве“.