Деновиве повеќе косовски медиуми објавија иста вест – дека „единаесет припадници на специјалната единица на косовската полиција одбиле да учествуваат во минатонеделната акција, во која се уапсени 12 косовски имами и Фуад Рамиќи“. Се додава дека случајот ја потресол полицијата и дека полицајците кои не сакале да ја извршат должноста ќе бидат строго казнети. Реакција единствено имаше од портпаролот на полицијата Баки Келани, кој рече дека „не е запознат“ со случајот. Дури по големиот притисок на јавноста полицијата издаде официјален демант. Но, тоа не ја смири чаршијата, дотолку повеќе што 90 отсто од жителите на Косово се со муслиманска вероисповед, па оттука се верува дека влијанието на религијата би можелo да биде големo и во полицијата. Службеник на една меѓународна организација во Приштина неофицијално рече дека „специјалците се суспендирани поради одбивање да ги уапсат имамите и дека полицијата интерно ќе се занимава со ова прашање“.
„Срамно петно за Косово“
Ако обвинувањата на сметка на полицијата се точни, полицајците треба да се преиспитаат себеси, а МВР да преземе итни мерки, вели Исмаиљ Хасани, социолог на религија. „И да сакаат ова прашање да не го третираат пресериозно, нашите органи тоа не можат да го сторат во ситуација кога цел свет е завртен и го набљудува не само Косово, туку и останатите краишта од каде што се регрутираат луѓе и се испраќаат во Сирија и другите жаришта“, вели Хасани за ДВ. Тој додава дека заминувањето на голем број косовски Албанци на боиштата на Блискиот Исток е „големо срамно петно за Косово“. „На Запад очекуваат што побрзо казнување на сите оние кои биле вмешани во овие случувања и без одлагање продолжување на борбата против секаков вид екстремизам, особено исламски радикализам, кој, за жал, се докажа како светски проблем“, додава Хасани.
Прочитајте ја целата сторија на страницата на Дојче Веле