Неколку експонати за време на изложбата при „Скопје дизајн вик“ исчезнаа, потврдија организаторите. И покрај немилиот настан, тие не сакаат во јавноста да коментираат за таквите инциденти, бидејќи приоритет на манифестацијата е публиката да се осврне на позитивните придобивки од Неделата на дизајнот за која сметаат дека добива сè поголемо значење и креира мостови за соработка помеѓу дизајнерите и компаниите.
Под мотото „Четврта смена“ и со идеја да долови различни функции: промоција, едукација и забава, организаторите и овој пат на едноделната креативна манифестација овозможија дружење, и можности за деловна соработка.
Четвртото издание на оваа манифестација досега бележи рекордна посетеност, но и поттик за бизнис-секторот за инвестирање во дизајнот како важна алатка во развој на бизнисот, смета организаторката Марта Наумовска – Грнарова.
Држава во фокус на фестивалот беше Франција, а за нејзино претставување се погрижија десетмина француски дизајнери. Покрај нив, на скопската Недела на дизајнот се појавија дизајнери и од повеќе земји од светот.
Холандската дизајнерка Ива Јанковиќ која по третпат гостува на Неделата на дизајнот во Скопје вели дека македонската публика умее да препознае квалитет.
„Скопје дизајн вик“, која се одржа во „Куршумли-ан“ беше збогатена и со работилници за деца и за возрасни за различно приготвување храна, придружени со настапи музички групи од Македонија и од странство.