Можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни, беа темите на тркалезната маса, која во организација на Македонија2025 се одржа денеска.
Претседавачи со тркалезната маса „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“. беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија.