Од две години до доживотен затвор се изречените казни за дваесетте обвинети за масакрот во Париз од 2015 година. Обвинетите имаат рок од десет дена за жалба на пресудите, јави дописникот на МИА.
Салах Абдеслам (32) е осуден на доживотен затвор, а казната не може да се намалува од специјално составениот кривичен суд. Судот во него виде „коавтор“ (а не соучесник) на исламистичките убиства од 13 ноември во 2015 година во Париз и Сена Сен Дени. Единствениот преживеан член на фанатичните командоси, кои убија 130 лица и повредија стотици други, доби максимална казна предвидена во кривичниот законик, како соизвршител во обидите за убиства на лица одговорни за јавниот ред, дела извршено за време на крвавото земање заложници во Батаклан.
И покрај напорите на неговите адвокати да се намали квалификацијата, петте судии гласаа за ваквата казна со мнозинство. Тие го отфрлија мотивот на Салех дека доброволно се откажал да го употреби неговиот експлозивен елек на посетеното место, што тој го тврдеше на сослушувањето. За судот, уредот „не бил функционален“, што објаснува зошто не можело да се активира.
Доживотната затворска казна не може да се намалува, а забранува и да се побара какво било прилагодување на казната пред истек на 30 години. Таква мерка беше изречена и против петмина обвинети за кои се претпоставува дека загинале на ирачко-сириските боишта и им се судеше во отсуство, во чиј прв ред е Осама Атар, висок достоинственик на Исламската држава (ИД) и главен спонзор на нападите извршени во Европа.
Пресудата беше примена со најголема смиреност во преполната специјално уредена судска сала.