Ако лидерите на Г7 ја соблечеа облеката на Самитот во Германија, „глетката ќе беше одвратна“, рече Владимир Путин, како одговор на нивната шега на сметка на рускиот претседател за склоноста кон фотографии без маица.
„Не знам како планирале да се соблечат, дали над или под струкот“, додаде Путин пред новинарите при својата посета на Туркменистан, но, според него, „во секој случај тоа би било одвратна глетка“.
„Путин ги советуваше лидерите на Г7 дека е потребно вежбање и помалку пиење за постигнување хармонија меѓу телото и душата“, јави руската новинска агенција ТАСС.
Британскиот премиер Борис Џонсон додека седеше заедно со своите колеги од Г7 во неделата праша дали треба на фотографијата да биде со јакна.
„Мораме да покажеме дека сме поцврсти од Путин“, додаде Џонсон.
Премиерот на Канада, Џастин Трудо тогаш се пошегува дека за тоа би било потребно „да јаваат коњи голи до струкот“, алудирајќи на честите пози на Путин за „мачо“ фотографии, како кога јава коњ без маица.