Утрово МВР издаде соопштение дека е фатен Е.Д.(33) од Скопје за кого била издадена локална потерница, поради постоење основано сомнение дека сторил две тешки кражби на уметнички слики од книжарница на ул.„Ѓуро Стругар“ во Скопје, извршени на 26 и 27.06.2022 година.
Дел од украдените уметнички слики се пронајдени и вратени на сопственикот. Е.Д. е задржан во полициска станица Центар и во координација со Јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „тешка кражба“,, а од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор.
Кражбата се случи два дена по отварањето на изложбата на слики во Мултимедијалниот културен центар „Матица Ексклузив“ од уметникот Павле Кузманоски. Притоа беа украдени 16 негови ретки дела во маслена техника, пастели, акварели и цртежи во туш на тема урбани пејсажи создадени во последните 60 години.
„По големата кражба во седумдесетите години на минатиот век на делото на Пикасо од Музејот на современа уметност во Македонија, сведоци сме денес и на кражба и на исклучително вредни уметнички дела од нашиот голем сликар“, коментираа по кражбата од „Матица Ексклузив“. (Р.Н.)