Дел од новото пристаниште Порто Романо во Драч ќе биде база на НАТО, рече албанскиот премиер Еди Рама по враќањето од Самитот на Алијансата во Мадрид.
Порто Романо е планирано да биде најголемо трговско пристаниште на Јадранот, но, според најавите на Рама, ќе има и воен дел.
„Наскоро се враќаме во Брисел да ги продолжиме преговорите за нашиот предлог кој се однесува на воспоставување на поморска база на НАТО во новото пристаниште во Драч“, изјави Рама, пренесуваат албанските медиуми.
Тој додаде дека изградбата на воената база ќе биде кофинансирана од Албанија и од НАТО. Доколку биде изградена, таа нема да биде единствена НАТО база во некогашна комунистичка Албанија.
Во Кучове неодамна почна изградбата на воздухопловна база на НАТО со меѓународно финансирање која ќе биде прва од таков вид на Западен Балкан.