Ставрески манипулира дека долгот на централната влада и јавниот долг се намалени, рече денеска на прес-конференција Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии во СДСМ.
Според Наумов, во јули по задолжувањето од 500 милиони евра, министерот Зоран Ставрески со свој потпис, ги задолжил граѓаните со нови 58 милиони евра.
– Заклучно со август, долгот на централната влада изнесува 41,5 проценти од БДП, а јавниот долг е над 52% од БДП. Тоа е вистината. Министерството за финансии сака да сокрие дека само во последните 100 дена не задолжува нас граѓаните по 6 милиони евра дневно, рече Наумов.
Наумов тврди дека затоа била објавена непрегледна табела за следење на јавниот долг, во којашто никаде не стои вредноста на Бруто домашниот производ.
– Во март 2014, Државниот завод за статистика излезе со податок дека реалниот раст на БДП за 2013, со којшто сеуште се фалат, изнесува 3,1 процент. При тоа, номинална вредност, значи вкупно произведените добра и услуги според тековните цени, беше 7 милијарди и 700 милиони евра. По девет месеци, во септември годинава, Државниот завод за статистика ја корегира вредноста на реалниот раст за 2013 и ја симнува на само 2,2 процента. Логично, истовремено номиналната вредност на БДП за 2013 би требало да биде помала или евентуално иста, објасни претседателот на Комисијата за финансии при СДСМ.
Тој надополнува дека Ставрески и Груевски со помош на државни институции водат криминално владеење.
– За многу помали манипулации од овие, истата оваа власт филмски апси пред камери бизнисмени и сметководители.Ќе дојде момент кога власта на Груевски и сите нејзини соработници ќе одговараат за ова што им го прават на граѓаните на Република Македонија, заклучи Наумов, потенцирајќи дека СДСМ ќе продолжи да објавува вистински бројки за јавниот долг.