Тројца државјани на Република Македонија, од кои двајца мажи на возраст од 34 и 35 години и 21-годишна девојка, во средата биле уапсени на грчкиот остров Миконос, под обвинение за трговија со дрога, јавува дописничка на МИА, од Атина.
Од грчката полиција соопштиле дека по темелната полициска истрага било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале дрога на Миконос“.
Запленети биле 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.
Уапсените биле организирани во криминална група со конкретни улоги, а дополнително било уапсено уште едно лице – либански државјанин, во обид да се снабди со дрога, пренесува „МКД“.
Како што соопштила грчката полиција, за разбивање на нарко-картелот, полицајците од Миконос организирале акција, ги следеле движењата на сега уапсените лица, ги лоцирале и ги уапсиле кога се селеле во друго сместување за да ги скријат трагите.
Според информациите на дописничката на „МИА“ од Атина, 21-годишната девојка од Македонија е со голем број на следбеници на Инстаграм со кои споделувала фотографии од Миконос
Според грчкиот весник Прототема, секој член на групата имал свои задачи, а полицијата ги следела веќе подолго време. Инспекторите и полицајците на Миконос решиле да дејствуваат, пишува Прототема, кога групата одлучила да го напушти хотелот во кој била сместена. При апсењата и претресите се одземени 220 грама кокаин, 270 грама метаамфетамини, 437 таблети екстази и околу 160 грама канабис. Истрагата за идентификување на нивните контакти продолжува.
Либанскиот ди-џеј кој е уапсен како дел од групата се претставил како клиент на групата од Скопје. Пред полицијата, според Прототема, дал исказ дека тој само купувал дрога од криминалната група. Кај него полицијата нашла 3,7 грама кокаин. (Р.Н.)
https://www.youtube.com/watch?v=CrBNeeFYlu8&t=61s