Иван Соколов, истакнат член на ВМРО ДПМНЕ кој во деведесеттите беше дел од раководството на ВМРО ДПМНЕ, на својот фејсбук профил јавно го истакна незадоволството од пресудата за поранешниот разузнавач Александар Диневски кој во аферата „Шпион“ доби 4,5 години затвор.
„Александар Диневски како врвен аналитичар во Службата за државна безбедност ги обелодени нелегалните прислушкувања и следења на врвот и штабот на партијата ВМРО-ДПМНЕ за Сина птица, Дувло и други нелегални активности на тогашната ДБК, лично му ги соопшти на тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ по што наскоро стана и член а подоцна и функционер во партијата. Подоцна овие афери партијата ги искористи како адут за рушење на СДСМ и преземање на власт 9-та година. За ваквиот чин Диневски беше избркан од работа од МВР.
-Ова за кое денеска е осуден, тој претходно се консултираше и доби зелено светло од денешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за разузнавање, како и
од Еулекс. Во судскиот процес тие молчеа. Одговорот е јасен – Александар Диневски треба да одлежи заради тоа што јавно прозборе за погрешните политики на раководството на ВМРО-ДПМНЕ“.
-Епа извинете господо Младотурци Јашасан Хуриет колку за вас толку и за нас …
Ако мислите дека треба да не истребите сите за да правите прчвара од ВМРО…е на тоа немате право…доста беше.Од тука го најавувам моето отворено и последно писмо до Никола Груевски…Нека ни е Господ напомош“, пишува Соколов.
Во април годинава Иван Соколов се јави и како сведок на одбраната во случајот „Шпион“ каде што на Диневски му се судеше за шпионажа. Соколов во судницата изјави дека тој лично му ги дал досиејата на Диневски и дека ја превзема одговорноста за нив истакнувајќи дека на случајот со Диневски не гледа поинаку освен како политички реваншизам.
– Се работи за документи кои се од моето лично досие и му ги предадов на почетокот на 2001 година и го замолив јавно да ги публикува. Тоа го направив и со други новинари кои не покажаа храброст да пишуваат за ова досие или да извадат дел од него. Сега е јасно како ден зошто новинарите ништо не сакаа да објават, бидејќи ќе завршат токму како Александар Диневски, изјави тогаш Иван Соколов.
Александар Диневски речиси сиот работен век го поминува во безбедносните служби. Во македонската историја ќе остане запаметен како дел од феноменот „осуммината“ кога во 1989 година заедно со Павле Трајанов, Слободан Богоески, Гроздан Цветковски, Беџет Беџети, Јован Чамински, Станое Богев и Миле Илиевски се најдоа на удар на последната комунистичка влада во Македонија. Таа година Јован Трпеновски, поранешен републички секретар, носи решенија за суспендирање на сите осум припадници на МВР кои во тоа време се на важни функции во службите. Осуммината, како што ги нарекуваат, тогаш прв пат прозборуваат за репресииите и монтираните случаи на службите за безбедност.
-Феноменот на „Осуммината“ ќе остане трајно врежан во колективното сеќавање на македонскиот народ како почеток на рушење на стариот систем чиј крај веќе се наѕираше. Звучи парадоксално но вистинито – додека во останатите републики демократските процеси ги туркаа интелектуалци, независни новинари и политички дисиденти, во Македонија ударот дојде од таму од каде најмалку се очекуваше – од припадници на тајната полиција која отсекогаш важеше за ударна тупаница на единствената комунистичка партија! Можеби затоа дотогашниот репресивен систем чија моќ почиваше на безмилосната пропаганда и уште побезмилосната репресија се најде на колена! Колку само бедно и јадно делуваа тогашните врхушки и на Партијата и на Владата очајно обидувајки се да го сочуваат системот и ковајки заговори и тајни планови за конечна пресметка со непослушните свои „чувари“ вклучувајки ја можноста за нивна физичка ликвидација, ќе напише Александар Диневски нагласувајќи дека е горд што бил дел од осуммината и дел од пролетта на македонската демократија и плурализам.