Осум кандидати ќе бидат во трката за наследник на премиерот Борис Џонсон, кој беше принуден да се повлече по оставките на десетици членови на неговата администрација во знак на протест по серијата скандали.
Риши Сунак, Лиз Трас, Том Тугендат, Кеми Баденох, Пени Мордоунт, Џереми Хант, Надим Захави и Суела Браверман ги обезбедија 20-те потписи од колеги пратеници колку што се потребни за учество во изборот.
Во меѓувреме, министерката за надворешни работи Лиз Трас ја доби поддршката од истакнатите лојалисти Борис Џонсон, Џејкоб Рис-Мог, Надин Дорис и Џејмс Клеверли, што се смета за потег кој има за цел да го спречи Сунак да победи.
Сунак и Џавид поднесоа оставки минатиот вторник и поттикнаа десетици помлади колеги да го следат примерот, принудувајќи го нивниот поранешен шеф да се повлече од позицијата лидер на ториевците 36 часа подоцна.
Џонсон, чиј тригодишен мандат како премиер беше обележан со скандали, Брегзит и пандемијата на ковид-19, рече дека ќе остане на функцијата додека не се избере неговиот наследник.
Членовите на Конзервативната партија треба да го изберат својот нов лидер пред годишната конференција на конзервативците на почетокот на октомври – 358-те ториевци ќе гласаат во повеќе кругови додека не се изберат двајца кандидати за последниот круг. Името на победникот и новиот британски премиер ќе бидат објавени на 5 септември.