Навршените 70 години од објавувањето на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија – „Песни“ од Ацо Шопов се повод Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ да организира промоција на повеќејазичниот портал посветен за него.
„За мене претставува огромно задоволсвто што по две години напорна работа мојата идеја за еден ваков портал стана реалност и што ’Лирскиот дом на Ацо Шопов’ денес станува достапен за македонската публика, како и за публиката од француското, германското и шпанското говорно подрачје“, вели Ролан Кајзер, директор на издавачката куќа од Луксембург и иницијатор на проектот.
Јасмина Шопова, толкувач и препејувач, но и ќерка на поетот, е носител на проектот „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, што ќе го претстави пред публиката на македонски, германски, француски и шпански јазик.
„Лирскиот дом на Ацо Шопов- е виртуелен простор во којшто отсега ќе живее поезијата на татко ми, нејзините препеви, нејзините аудио-визуелни интерпретации, оствртите кон неговото творештво, како и споменот за него”, изјави Јасмина Шопова.
Промоцијата ќе се одржи во десет часот на кој ќе се обратат проф. д-р Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Покрај просторијата посветена на неговот живот, во неговиот ‘Лирски дом’ може да се посети библиотеката што содржи избор од неговите книги. Во читалницата може да се прочитаат или слушнат неколку песни. Може да се разгледа галеријата на неговите ликовни и литературни портрети.